Прво место на интернационалниот проект „Ноќ со Андерсен“

bty

Денес, на моја огромна радост, а на радост и на целото наше училиште ја добивме првата награда од жирито за учеството во проектот „Ноќ со Андерсен“. Прекрасен проект, обединувачки… весел, создаде многу ресурси, радости, искуства. Ти благодариме Весела и на целата екипа вклучена во проектот, што ни даде можност да сме дел од ова и што виде во нас нешто што самите не бевме сигурни дека го имаме.

17855421_10211776979115849_2520957005531861977_o

Нам ни останаа видеата, сликите и признанијата. Ни остана радоста дека сторивме нешто убаво.

Ѝ благодарам на мојата сестра и нејзиното семејство кои беа блиску до местото на доделување и се стрчаа да ги земат дипломите и во наше име да се заблагодарат на организаторите.

burst

Сега ќе зборувам за мојот весел драмски тим, за моите убавини кои сега се во средните училишта… Зборувам за нив, но не ја заборавам заслугата и на другите дечиња и наставници кои беа вклучени во проектот и кои придонесоа за конечниот најголем можен успех.

Моите драмски надежи: Сара Нинеска, Јована Стојческа, Теона Стојческа , Леонардо Маркоски, Лихнида Јорданоска, Теона и Јована Стојчески, Мрмески Александар, Теа Кокондоска, Веселина Јованоска, Димитар Николоски, Никола Илијоски, Михаела Јанеска, Елена Павлеска, Мила Ристеска, Васе Колароска, , Андријана Мирческа и помошта од Божидар Јованоски, Леонид Мирчески, Благојче Иваноски и Кристијан Селчанец беа вистинските виновници за голем дел од успехот!!!

Се сеќавам во кој хаос бевме поради тоа што ја спремавме театарската претстава „Ние врапчињата“… имаше моменти кога мислев да откажам, но тие беа секогаш спремни, полни со идеи. Се снаоѓаа со реквизити, баравме статив од брат на ученичка, апарат од добронамерници, љубители на уметноста и блиски луѓе 🙂 „грин-скринот“ ни беше пердето од ликовно, го извадивме и додека снимавме немавме перде и ни беше топло 🙂 облеките беа од овде, онде…тетки, вуњи, стрини…братучеди, од претходни настапи… Теа дојде со огледало направено од картон, го правеле со Сара, Лихнида, Евгенија, донесоа игли, конци… боже мој..кројчи имаше во приказната… јас не се досетив на тоа 🙂 а Славејот, Славејот го снимија на прилепски, оригинално, како само се досетија умници мои прекрасни, Палешка… мислеа со главчињата кој што треба да каже, се поделија, се организираа, напишаа и едвај чекаа да се снима… Јовче Будалчето не се сними, но прекрасна беше екипата на завршната ноќ, благодарност за принцезата Александра, за коњите Петар и Грегори 🙂 дечките беа оригинални, што да се прави ни требаа две коњчиња за драматизацијата. Уште се сеќавам на изразот на лицето на директорот, како беше зачуден што прават овие сега кркуш на двете момчиња 🙂 …а еднаш пак батеријата се потроши од апаратото – наставничката заборавила да го наполни… Лео се нервира… …на крајот од кадарот заѕвонило ѕвончето… лошо се исекол врабецот… немаме стапче, па искористивме молив… ни треба добар компјутер, ете го Бошко да ни помогне… не чини звукот, мобилниот од Климентина е супер… снимаме звук… снимаме видео… нека му ја мислат тие што ќе монтираат… снимање по часови, пред часови… некогаш малку и на часови 🙂 ама малку… безброј фејсбук разговори… кога…како… притисок на Лео, на Кико… ајде побрзо… до каде е филмот 🙂 што да ви кажувам… беше прекрасно искуство

Ви благодарам дечиња, ви благодарам колеги!!!

Advertisements

Интегриран Еко-ден

DSC_0301.JPG

Интегрираниот еко-ден беше МИО-активност реализирана од двете основни училишта: „Климент Охридски“ и „Лирија“, во рамките на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ – спроведен од Мировна акција Прилеп-Тетово и Центар за мировни студии од Загреб, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Тимот од шест наставници: Моника Богданоска, Дарко Јовески, Јулијана Талеска, Јусуф Синани, Африм Кера и Гордана Пажик направија концепт за реалзиација на активноста и во истата вклучија наставници и ученици.

Оваа активност им овозможи на наставниците кои досега немаа одржано МИО час да ја спроведат активноста.

Главната причина зошто се одбра Еко-ден беше да се прикаже на колегите вклучени во настанот, на децата, но и на сите кои ќе ја проследат активноста: ДЕКА ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕША СО РЕЛИГИОЗНАТА.

Сакавме во активностите да ги гледаме сличностите, да гледаме она што ни е задничко, а не да ги шетаме дечињата по цркви и џамии, да јадеме баклава и грав…

Досега спроведените МИО активности се фокусираат на генерализирања поврзани со една етничка група, при што се заброава на оние семејства кои не се религиозни или се дел од некоја друга религиозна заедница. Исто така, учејќи за некоја карактеристика на етничката заедница, не значи дека учиш за самите личности со кои ја спроведуваш активноста. Така нам ни беше најважно дечињата и колегите да се дружат заедно. Да разговараат и да се запознаат.

Мислиме дека успеавме во тоа. Еве врска до филмчето во кое накратко, низ фотографии е претставена активноста

Гостување во Скопје со „Ние Врапчињата“

Ние - врапчињата

На 13 јуни, во 13:30 часот, малата, интимна, скромна, но мнооогу мнооогу театарска сцена на Детскиот театарски центат на Бит Пазар беше прекрасно гнездо од кое летнаа нашите „врапчиња“.

Пријатната атмосфера не ја направија само „врапчињата“ и сцената, тоа го направи публиката. Исполнета со драги колеги и пријатели, љубители на театарот, актери и претставници од невладиниот сектор кои се рамо до рамо со сите нас во желбата за подобро утре. ИМ БЛАГОДАРАМ ОД СРЦЕ НА СИТЕ ШТО ДОЈДОА!!!

„Врапчињата“ го имаа најубавиот настап досега. Се почувствуаа како вистински актери. Го дишеа воздухот кој вибрираше од штиците и цилкурилаше низ сите нас во салата.

Беше прекрасно да гледаш како луѓето уживаат во она што си го работел и си сакал да излезе баш така!

Благодарност безброј пати на сите луѓе, а ги имаше многу, што дадоа дел од себе, од своето слободно време, за ова што ќе ни остане како една убава убавина – силна како лавина!!!

Врапчињата долетаа кај своите другарчиња

img_8758-e1496875653783.jpg

Денес дел од екипата на „Ние Врапчињата“  се претстави пред дечињата со посебни образовни потреби кои учат во нашето училиште „Климент Охридски“.

Врапчињата беа среќни што можат да се подружат со своите другарчиња и соученици и да ја споделат својата радост.

Учество на Драмски аматерски фестивал во Кочани

 

IMG_8682.JPGНа 30 мај драмската дружина „Заедно можеме најдобро“ учествуваше на 53 – от Драмски аматерски фестивал во Кочани. Трите училишта (ООУ „Климент Охридски“, ООУ „Добре Јованоски“ и ЦОУ „Лирија“ – Житоше) заедно по втор пат се претставија пред преполна сала со ученици од одделенска настава од пет училишта од Кочани.

Текстот „Ние – Врапчињата“ е произлезен од романот на бугарскиот автор Јордан Радичков и од неговата досетлива критика на општеството и на луѓето.

Она што Радичков – балканскиот Егзипери, го прави со врапчињата, е обид да се направи и со оваа претстава: една приказна – две читања: детско и алегориско.

Врапчињата сме сите ние. А она што се игра е нашето општество. Случките кои се случуваат не се воопшто случајни, напротив – видени се многупати и голем дел од нас биле директни учесници во нив.

Како што Радичков ги критикува појавите и конкретните карактери преку дејствувањата на врапчињата, така и ние, низ претставата допираме до сериозни теми: етнички предрасуди, стереотипи, социјална дискриминација, дијаспора, брзо стекнување слава без особен труд, патријархален модел…

Процесот на раснење:

  • Проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование“ започна во август 2016 год. (Овој проект ги јакне училиштата и ја зголемува јавната поддршка за меѓуетничката интеграција во образованието, дава придонес кон мирот и стабилноста на државата).
  • Наставниците имаа четири обуки (15 дена) во кои беа сензибилизирани и обучени во полето на изградба на мир: работа на себе си и методологија за работа во училница.
  • Двете училишта: „Климент Охридски“ и „Лирија“ воспоставија партнерство и имаа средби и состаноци во кои ги дефинираа активностите.
  • Интегрираниот еко-ден и театарската претстава „Ние – Врапчињата“ беа две главни активности кои се договорија.
  • Училиштата избраа театарски дружини и вклучија уште едно училиште („Добре Јованоски“) и така се создаде театарската дружина „ЗАЕДНО МОЖЕМЕ НАЈДОБРО“.
  • Театарските групи имаа многу заеднички средби во кои се запознаваа, се дружеа и ја вежбаа претставата.
  • Премиерата беше изведена на 30 април 2017 г. во с. Долнени.

 

По претставата сите учесници (23 ученици, наставници и соработници) разговара со селекторот на фестивалот Дарко Јан Спасов кој го поздрави проектот „Поддршка на интегрираното образование“ и го пофали дизајнот на плакатот и летокот.

Разговорот со учениците беше конструктивен, полн со совети и идеи како поубаво да изгледа претставата.

Чест е да се учествува на една ваква манифестација. Огромен е успехот на трите училишта во она што го зацртаа како цел. Дечињата имаа можност да се дружат повторно и да бидат уште подобри од претходниот пат.

This slideshow requires JavaScript.

Театарската претстава „Ние  – Врапчињата“ има уште два настапи, во Прилеп и Скопје.

 

ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „НИЕ-ВРАПЧИЊАТА“

ввв

Кога прв пат го прочитав романот „Ние – Врапчињата“ од Јордан Радичков, бев восхитена. Еве го Балканскиот Егзипери  – си реков. И посакав еден ден да ја поставам на сцена. Тој мој животен сон, еден од многуте –  ми се оствари. Благодарение на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ јас имав можност да го реализирам сонот. И тој сон беше уште поубав, бидејќи не го направив сама. Со мене, рамо до рамо стоеја колегите: Аднан Мехмети, Ирмела Папиќ, Јусуф Синани, Моника Богданоска, Дарко Јовески и Панде Магдеска – Николоска.

Исто така, тука се и дечињата кои сами ги сечеа парчињата, сами ги кроеја крилјата, сечеа хартија, лепеа, правеа врапчиња, смислуваа сцени, глумеа, остануваа до доцна на училиште… Благодарност и до Башким Керими, Евгенија Башеска и еден куп дечиња кои ни помогна со костимите; благодарност и до Влатко Николоски и Сара Нинеска – кои ја оживеаја сцената.

Оваа екипа од ентузијасти координираше 23 ученици од три училишта. ООУ „Климент Охридски“, ЦОУ „Лирија“ – Житоше и ООУ „Добре Јованоски“.

Поминавме месеци макотрпна работа. Заеднички средби во кои дечињата се запознаваа, се дружеа, градеа мостови и покажуваа дека можеме заедно да живееме. Релацијата Житоше- Прилеп – Долнени изроди многу заеднички средби полни со радост и убавина.

IMG_8176

Дечињата во целиот процес покажаа дека можеме заедно да направиме нешто што ќе биде убаво само ако нЕ има сите задно!

Неизмерно сум благодарна и на поддршката на „Мировна акција“, на Боро, Горан, Емрах, на скапоценото искуство на актерот Александар Тодески, кој е најмногу заслужен што овие дечиња блескаа на сцената. Им благодарам на сите дечиња и родители што дојдоа, и што нЕ поддржаа.

Ја оживеавме заборавената сала во Долнени. Мислам дека и таа се радуваше на чврчорењето на врапчињата.

This slideshow requires JavaScript.

Се надеваме дека овој проект нема да згасне овде, дека ќе нЕ има барем уште неколку пати, бидејќи овие деца освен тоа што ја оставаат на театарските штици енергијата, тие ја иссцртуваат иднината на оваа земја, ги разобличуваат стереотипите, ги рушат предрасудите,  покажуваат како треба да се живее!

Трето место на државниот литературен фестивал „Ракатки“

17973929_1387916771273822_3003337882052590152_o.jpg

Неизмерна среќа на мојата ученичка Климентина Котеска и чест и радост за мене, како ментор, беше учеството на овогодинешниот фестивал „Ракатки“. Уште од првите години на моето вработување слушав за „Ракатки“ и многу сакав да бидам дел од фестивалот. По неколку неуспешни обиди, оваа година со песната „Желба неостварена“ од Климентина Котеска IX – 4 одделение, го освоивме третото место.

Климентина имаше можност да разговара со Филип Димкоски, со Горјан Петревски, Славица Арсова и ред други автори… Да се дружи со радовишани и да запознае дел од знаменитостите на градот.

Филип (почитуваниот млад автор, член на Одборот, и мој драг пријател) во групата на Фејзбук побара од нас да кажеме како си поминавме, кои се нашите коментари. Размислував многу на евалуацијата која требаше да ја направиме…

Фестивалот е една реткост, една бесценетост која не ја почитуваме доволно. Едно нешто што ја афирмира нашата младина, го промовира нашиот јазик и литература. Го афирмира мултикултурализмот (слушнавме творби на влашки, албански, турски…). Собира триесетина ментори од цела Македонија, кои се вредни и вешти во својата област. И сето тоа, оставено на милост и немилост од добронамерниците. За среќа ги имаше оваа година – но според мене, тоа не е доволно. Огромна пофалба на градоначалникот и на Општината Радовиш – Одборот вели: без нивна поддршка, фестивалот немаше ни да го има – СЕПАК, ова е фестивал кој исто како „Рацинови средби“ – ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА, да не речам ЖИВУРКА!!!

Каде е нашиот патриотизам овде? Каде е нашата грижа за јазикот? За литературата? За младите генерации?

Овие дечиња и нивните ментори заслужуваат повеќе. Одборот, поетите, писателите, гостите – заслужуваат подобар третман. Потребна е логистика, финансии, свеж ветар!

Треба да се цени богатството што го дава овој фестивал!

20170422_195328.jpg