Авторски текстови

 

 „Училишниот театар како воннаставна активност“

Вовед:

Училишниот театар во наставниот процес е забележан од времето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Тој наш просветител, преродбеник, учител и поет, го означил почетокот на македонското драмско творештво. Денес од Џинот имаме зачувано дел од неговите сценско-дијалошки игри. Тие сценско-дијалошки игри биле изведувани од неговите ученици за време на училишните приредби или во чест на некои свечености. Тој обид за драмска едукација на децата се провлекол во образовниот систем и со текот на времето се искристализирал во форма на драмска секција. Значи освен што Џинот претставува основополoжник на драмското творештво во Македонија, тој претставува и основоположник на училишниот театар.

Драмската секција, како воннаставна активност во основните училишта отсекогаш била една од најважните и најинтересните секции. Основната цел на оваа секција е воведување на децата во драмската уметност. Знаејќи дека драмската уметност е еден широк спектар на голем број уметности, вештини и знаења, можеме слободно да кажеме дека таа треба да помогне во изградбата на една здрава, културна и реализирана личност.

Драмската секција секогаш e одговорна за најмалку една точка на училишните приредби. Во нашите училишта драмската секција се сведува на една досадна секција која се состанува само кога наставникот ќе има готов текст и кога се приближува некоја приредба. Таа е сведена на бегла подготовка на едночинки или извадоци од драми за патронатот на училиштето и за годишната училишна програма. Нејзината програмата за работа најчесто е нешто што се повторува секоја година. Членовите се избираат по пат на аудиција или наставникот ги избира оние за кои што смета дека можат да ја завршат работата, им дава текст, го учат, и настапуваат. Ништо повеќе од тоа…

Каде е тука воведувањето во драмската уметност? Како децата научуваат да се ослободат во просторот; Како ги учат движењата, како го збогатуваат и култивираат говорот? Како ја развиваат фантазијата?

Патронатот и годишната програма се важни за училиштето и претставуваат приредби на кои учениците го покажуваат она што го работеле на секцијата во текот на годината. Но, сепак акцентот треба да се стави на развивањето љубов и збогатување на знаењето за драмската уметност. Децата да научат нешто за себе, а не да бидат фигури кои ќе го обелат образот на наставникот кој е обврзан да спреми нешто.

Во денешниот образовен систем, иако се воведуваат разни иновации со кои се надминуваат класичните методи во наставата, не се овозможува доволно развојот на создавачка, самостојна и флексибилна личност, бидејќи учењето уште се базира врз основа на авторитет – усвојување на готов материјал од учебникот.

Драмското воспитување од друга страна пак прави широко влијание врз свеста на детето и при формирањето на неговото етичко и естетичко битие.

Докажано е дека детето низ драмското образование се потврдува како создавач, а низ емотивното ангажирање во драмата, тоа подоцна покажува подобри успеси во учењето и помнењето.

Детето уште од раното детство покажува интересирање за драматизација и игри со улоги. Тоа често игра улоги од личности од својата околина, ликови од цртаните или детските серии што ги гледа.

Ако набљудуваме игра на некои деца, ќе видиме дека тие можат да бидат мајки, сестри, браќа, каубојци, ликови од турските серии кои ги гледаат нивните родители или баби и дедовци… Во тие нивни облици и содржини што ги применуваат во игрите, децата ги внесуваат своите создавачки можности кои се засноваат на имагинација. Во тие игри детето мисли, доживува, ги изразува своите емоции, перципира, заклучува, ја развива фантазијата и станува покреативно.

Во книгата „Од игре до позорнице“ од Зорка Бокшан – Танурџиќ разработен е еден систем наречен СИСТЕМ НА ДРАМСКИ ИГРИ, со кој што се постигнуваат сите зададени цели на една училишна драмска група. Токму таа книга беше мотивација и насока за мене да ја напишам оваа домашна работа. Книгата ми даде идеја како да ја водам драмската секција во моето училиште.

Што добива детето со драмските игри?

Драмските игри го поттикнуваат детето да испитува и да се пронаоѓа, да стекнува самодоверба и сигурност. Тие можат да ги поттикнат и да им бидат од корист и на деца кои немаат особени афинитети кон драмската уметност, ниту пак кон глумењето.

Примената на вежбите за говор кај детето постигнуваат убаво, течно изразување.

Вежбите за ослободување во просторот прават детето да се научи да движи нормално на сцената, да се ослободи од трема и срам при комуникација со публиката или со некоја група непознати луѓе.

Со усвојувањето на спонтаноста во говорот и движењето, детето добива можност за изразување на својата личност. Тоа успева да ја развие способноста за опсервација, бидејќи играта го упатува кон посматрање на животот и работите што го опкружуваат. Тоа гледа, проценува, ја согледува поуката, ја препознава неправдата, лошото и доброто во играта, тоа прави од него личност која може да заземе став за некоја работа.

Драмската игра ги учи децата на колективна работа, на трпение и дисциплинираност. Детето во групата се труди да го постигне она што е од корист за цела група, тоа ја намалува неговата вродена себичност и прави да се радува на заедничкиот успех.

Развивањето на фантазија е една од најголемите придобивки на драмските игри.

Исто така една од поважните придобивки е и владеењето со  емоциите. Играта му овозможува да одглуми емоции и тоа за кратко време сосем различни, да плаче па потоа да се смее, да биде гневно, да биде добронамерно. Сите тие вежби ќе направат кај него тренинг за владеење со емоциите. Нешто што децата го немаат и го стекнуваат со текот на своето раснење.

И на самиот крај, сите тие игри прават тоа да се чувствува убаво, да му биде забавно, да ужива во другарувањето.

Организација на драмска секција

Драмската секција е обврзана да изготви програма според која ќе треба да работи во текот на годината. Нормално таа програма не треба да биде само штуро нафрлање на некои активности кои можеби делумно ќе се изведат. Наставникот треба убаво, систематски, заедно со учениците да седне и да ја напише програмата по која ќе работи. Вклученоста на учениците во креирањето на програмата е многу важно. Секако, наставникот ќе има пресудна улога што да влези во програмата, но дел од сугестиите на учениците можат да бидат секогаш корисни.

Наставникот треба постојано да го надградува своето знаење во областа на драмската уметност. Да остварува контакти со луѓе кои се дел од театарот, да чита драмски текстови, особено детски драмски текстови.

Најважно од сè е за време на часот да владее пријатна атмосфера. Групата да се чувствува слободно. Децата да уживаат во часот, а наставникот да се чувствува пријатно. За атмосферата во голема мера е одговорен наставникот. Тој може преку тим-билдинг игри постапно да гради една кохезивна група. Да ги поттикнува учениците да се дружат, бидејќи ако групата е компактна, тогаш многу лесно ќе може да се изведе дури и некое потешко дело.

Инструменти и звучни ефекти

За подготвуваната точка да добие во вредност и да биде поинтересна, секогаш помагаат звуците. Музиката може да зборува во одредени делови. Иако точките на ниво на секција не претставуваат некои врвни театарски остварувања, со децата може да се импровизира со звуците. Пред сè важно е при употребата на тие инструменти децата сами да дојдат до звукот, некогаш дури и да го направат инструментот. Може да наполнат конзерва со камчиња или со грав, и тоа да произведува звук. Исто така може да се искористи еден час од секцијата за правење инструменти кои ќе служат за некоја од наредните точки.

Избор на костими

Изборот на костими исто така е доста важен за драмската точка. Пракса е секогаш тоа да е задача на наставникот. Но тоа не треба да биде така. И ова може да се искористи за децата да научат нешто повеќе. Тука може дури и да се вклучи некој ученик кој нема афинитети за глумење, но сака да дизајнира костими или има идеи кои можат да помогнат во изборот. Тоа ќе направи кај нив мотивација да размислуваат кои облеки во кое време се носеле и кое е нивното значење. Таа дискусија може да се искористи и за значењето на некои носии и облеки. Учениците ќе можат да препознаваат некои етно – детали, симболики на бои и елементи и слично. Тоа ќе направи кај нив љубопитство за културата на облекување кај различни народи.

Сцена

Кога станува збор за училишен театар, скоро и да не може да се зборува за некоја сценографија. Најчесто тоа е сведено на минимален број реквизити. Сепак, иако тоа во реалност е така, штом се заврши со изборот на текстот, наставникот треба да оддели час, ако има потреба и повеќе часови, за дискусија со учениците во врска со сценографијата. Ако има потреба може да се консултираат и професионални лица, иако сметам дека е многу подобро сценографијата да биде дело на самите ученици, па и колку едноставно да изгледа. Наставникот може да помогне, но добро е да ги почитува идеите на учениците.

Системот на драмски игри ги опфаќа следниве видови игри:

игри за ослободување во просторот и за ослободување на движењето;

игри за концентрација, внимание и фантазија;

игри за ослободување и култивирање на говорот; и

игра со дијалози.

Игра за меморија

Учениците седат во полукруг. Еден од нив е предмет за набљудување. Откако убаво ќе го разгледаат од сите страни, тој излегува од училницата и прави промена на својата облека (откопчува некое копче, завратува ракав, ја соблекува блузата…) таа промена се обидува да биде скоро незабележителна. Задачата на учениците е да ја откријат промената.

Игра за концентрација

Учениците седат во полукруг, во средината има еден ученик кој се обидува да изрецитира некоја песна или некој текст кој претходно го научил, останатите ученици се обидуваат со движења, фаци, гестикулирања, да му го одземат вниманието. Ученикот ќе треба да најде некоја точка во која ќе гледа и ќе проба да ги отфрли сите „провокации“.

Игра за внимание

Еден ученикправи едно движење, останатите го повторуваат истото движење, потоа тој го повторува движењето додавајќи уште едно и така додека не се направи некое комплицирано движење. Учениците ги повторуваат движењата истовремено со него, трудејќи се да не грешат при имитирањето.

Игри за развивање фантазија (Биографија на предмети)

Децата земаат еден предмет од понудените од страна на наставникот. Нивна задача е да измислат биографија за тој предмет. Смислуваат некоја приказна во која што објаснуваат каде го нашле тој предмет, од кого е, од кого бил, и нешто поврзано со него.

Игри за развивање фантазија (Творење приказна)

Секое дете влечи од едно купче со листови. На листовите има различна приказна, има неколку минути да ја прочита приказната и да почни да ја глуми. Останатите деца, откако ќе заврши се обидуваат да ја откријат приказната. Кажуваат што виделе, а на крај детето ја чита.

Игра за концентрација (Составување зборови според последната буква)

Во оваа игра ученикот кажува еден збор, следниот до него треба да каже збор кој почнува на последната буква од зборот што го кажал ученикот пред него.

Игра за збогатување на речникот и развивање на фантазијата (Составување приказна со додавање на зборови и реченици)

Во оваа игра се започнува со еден збор, потоа следниот ученик тој збор треба да го продолжи со следен збор, но да внимава поврзувањето да биде логично. Поврзувањето може да се прави само со додавање на еден збор или со додавање на реченица. Секој следен ученик ја продолжува приказната додавајќи збор или реченица по своја желба.

Приказна врз основа на неколку елементи

Во оваа игра учениците добиваат неколку збора кои не се поврзани меѓу себе. Тие треба да направат некоја приказна во која ќе ги употребат сите дадени зборови, без разлика колку други зборови ќе употребат. Пр: дрво – лето – дете.

Приказна врз основа на слика

Наставникот покажува некоја слика или фотографија, на која има нешто фотографирано, сликано или нацртано. Може да биде нешто невообичаено, смешно, чудно, мистично… без разлика, задачата на учениците е да состават приказна вклучувајќи ја својата фантазија. Да искористат моменти од сликата и да ја објаснат низ приказна.

Дијалошки игри:

Наставникот дава почетна фабула, остава алтернативни решенија како таа да заврши. Им дава време од десетина минути и учениците сами одлучуваат како ќе ја разрешат и откако ќе се договорат, го глумат договореното.

Наставникот дава некоја фабула, и таа се глуми, потоа во истата таа фабула вклучува некој нов елемент кој дава алтернатива за промена на дејството.

Наставникот задава некои одделни детали. Личност со некоја карактеристика, некое расположение и некои околности. Задачата на учениците е да создадат фабула и да ја одглумат.

Заклучок

Денешните деца се деца на интернет – ерата, голем дел од своето време го поминуваат пред компјутерите. Играат игри единствено само на компјутер, комуницираат со своите другарчиња само на интернет. Заборавиле на детските игри кои што ги играле нивните родители, а уште помалку се сеќаваат на игрите што ги играле нивните баби и дедовци. Нивната оптовареност со информации во текот на школувањето прави одбивност за учење. Денешните наставници мака мачат да ги мотивираат учениците. Најдобриот начин да научат нешто е ПРЕКУ ИГРАТА. Играта е најдобриот метод да се совладаат нови знаење.

Примената на драмските игри во рамките на училишниот театар, поточно драмската секција, претставува еден нов и модерен метод за воведување на учениците во основите на драмската уметност.

Запознавањето со драмската уметност е осознавање на еден широк спектар на голем број уметности, вештини и знаења. Тоа искуство можеме да помогне во изградбата на една здрава, културна и паметна личност.

Литература:

  1. „Од игре до позорнице“ – Зора Бошкаш – Тануеџиќ – Креативни центар – Белград.
  2. „Методика креативне наставе српског језика и књижевности“ – Симеон Маринковиќ – Креативни центар – Белград
  3. Програми од драмски секции на колеги и колешки, наставници по македонски јазик во основно образование.
Advertisements

One thought on “Авторски текстови

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s