„Островот на скриеното богатство“

index

Според препораките на БРО, часовите за лектира треба да бидат два. И најчесто се два, но има некои лектири кои можат да бидат и еден, или можеби три или четири часа. Кога планирањето е добро, лектирната содржина може да се искористи и за други наставни часови, па да се продолжи и по пет часа: со изразување и творење, со граматика, стилски изразни средства, драматизации, игри… не мора да  е класичен час во кој се чита прераскажана содржина, биографија и се прави внатрешен и надворешен опис на главниот лик.

Еве една идеја за лектирата „Островот на скриеното богатство“

Лектирата може да се сработи во три часа:

Прв час: Биографија на авторот која може да се напише на самиот час, така ќе се реализира и ИКТ… Ако компјутерите се нефункционални или ги нема, може да се употреби техниката: смарт телефони (родителите денес имаат обезбедено паметни телефони за нивите деца и плус најмалку 3 гига бајти интернет), иако може да биде ризична бидејќи учениците додека пребаруваат за Стивенсон, да ѕиркаат и на Фејсбук… нејсе, може да им се каже тоа да си го напишат дома и на час да се прочита.

Остатокот од часот е поминување низ содржината со прашања по хронолошки тек, така што се води евиденција кој ја прочитал книгата.

Самата содржина, настаните, постапките на ликовите изнудуваат дискусија која може да трае и наредниот час ако има поента и ако им е интересна на учениците.

Втор час: Ако не се оди на варијанта дискусија, тогаш се продолжува со делење на учениците во групи. Секоја група ги има следните задачи:

  1. Да смисли име на својата пиратска дружина
  2. Секој сам да си измисли пиратско име (во овој дел знаат да бидат многу креативни – прилепски пиратски имиња J )
  3. Да напишат 4-5 прашања од лектирата
  4. Да нацртаат мапа во која ќе го означат патот како може да се стигне до богатството.

На самата мапа се означуваат неколку точки кои се точки за поставување прашања. Учениците треба да го скријат богатството и да одредат еден ученик кој ќе оди со другата група и ќе им ги поставува прашањата.

Трет час: Групите ги разменуваат мапите во насока на часовникот. Имаат пет минути да ги разгледаат. Тргнуваат група по група. Ако група 1, ја дала мапата на група 2, ученик од група 1 оди со пиратската дружина од група 2 и им поставува прашања на секоја точка која е означена во мапата, ако го знаат одговорот можат да поминат понатаму, ако не го знаат… потонуваат.

Кога ќе се вратат во училница се отвора дискусија како помина потрагата по богатството (кое најчесто е чоколадо… или шишарка 🙂

Учениците ги споделуваат и прашањата кои ги поставиле и ако некоја од групите не успеала да ги одговори, ги одговараат.

Еве ги мапите на моите гусари:

Advertisements

Глумата како изразно средство во филмот

20170206_171847

На часовите со деветтите одделенија во кои се зборуваше за изразните средства на филмот, имавме можност да дознаеме за глумата (како едно од тие изразни средства) од актерот Александар Тодески.

Александар е професионален актер вработен во прилепскиот театар „Војдан Чернодриснки“. Тој бил дел од четириесетина професионални претстави. Глумел во сериоалот за Итар Пејо, и во серијата „Преслав“, глумел во филмот „До балчак“, снимал реклами и кратки видеа и сл.

На оваа средба учениците имаа можност да дознаат како се снима филм и која е моќта на глумата. Како таа ја пренесува пораката која сака филмот да ја каже. Направија споредба меѓу театарска и филмска глума, меѓу театарска претстава и филм.

Пријатни беа миговите поминати со актерот. Низ разговор се дознаа многу работи. Александар е втор пат во нашето училиште. Пред четири години беше дел од ваков час со тогашните осмооделенци. Впечатоците и тогаш и сега беа прекрасни.

Една од најинтересните работи на учениците беа детали од снимањето на „До балчак“, особено што дел од нив го имаа гледано филмот, па ги интересираше како одредени сцени биле снимени.

Му благодариме на Александар уште еднаш. Оваа соработка ќе продолжи и со идните генерации.