Прво место на интернационалниот проект „Ноќ со Андерсен“

bty

Денес, на моја огромна радост, а на радост и на целото наше училиште ја добивме првата награда од жирито за учеството во проектот „Ноќ со Андерсен“. Прекрасен проект, обединувачки… весел, создаде многу ресурси, радости, искуства. Ти благодариме Весела и на целата екипа вклучена во проектот, што ни даде можност да сме дел од ова и што виде во нас нешто што самите не бевме сигурни дека го имаме.

17855421_10211776979115849_2520957005531861977_o

Нам ни останаа видеата, сликите и признанијата. Ни остана радоста дека сторивме нешто убаво.

Ѝ благодарам на мојата сестра и нејзиното семејство кои беа блиску до местото на доделување и се стрчаа да ги земат дипломите и во наше име да се заблагодарат на организаторите.

burst

Сега ќе зборувам за мојот весел драмски тим, за моите убавини кои сега се во средните училишта… Зборувам за нив, но не ја заборавам заслугата и на другите дечиња и наставници кои беа вклучени во проектот и кои придонесоа за конечниот најголем можен успех.

Моите драмски надежи: Сара Нинеска, Јована Стојческа, Теона Стојческа , Леонардо Маркоски, Лихнида Јорданоска, Теона и Јована Стојчески, Мрмески Александар, Теа Кокондоска, Веселина Јованоска, Димитар Николоски, Никола Илијоски, Михаела Јанеска, Елена Павлеска, Мила Ристеска, Васе Колароска, , Андријана Мирческа и помошта од Божидар Јованоски, Леонид Мирчески, Благојче Иваноски и Кристијан Селчанец беа вистинските виновници за голем дел од успехот!!!

Се сеќавам во кој хаос бевме поради тоа што ја спремавме театарската претстава „Ние врапчињата“… имаше моменти кога мислев да откажам, но тие беа секогаш спремни, полни со идеи. Се снаоѓаа со реквизити, баравме статив од брат на ученичка, апарат од добронамерници, љубители на уметноста и блиски луѓе 🙂 „грин-скринот“ ни беше пердето од ликовно, го извадивме и додека снимавме немавме перде и ни беше топло 🙂 облеките беа од овде, онде…тетки, вуњи, стрини…братучеди, од претходни настапи… Теа дојде со огледало направено од картон, го правеле со Сара, Лихнида, Евгенија, донесоа игли, конци… боже мој..кројчи имаше во приказната… јас не се досетив на тоа 🙂 а Славејот, Славејот го снимија на прилепски, оригинално, како само се досетија умници мои прекрасни, Палешка… мислеа со главчињата кој што треба да каже, се поделија, се организираа, напишаа и едвај чекаа да се снима… Јовче Будалчето не се сними, но прекрасна беше екипата на завршната ноќ, благодарност за принцезата Александра, за коњите Петар и Грегори 🙂 дечките беа оригинални, што да се прави ни требаа две коњчиња за драматизацијата. Уште се сеќавам на изразот на лицето на директорот, како беше зачуден што прават овие сега кркуш на двете момчиња 🙂 …а еднаш пак батеријата се потроши од апаратото – наставничката заборавила да го наполни… Лео се нервира… …на крајот од кадарот заѕвонило ѕвончето… лошо се исекол врабецот… немаме стапче, па искористивме молив… ни треба добар компјутер, ете го Бошко да ни помогне… не чини звукот, мобилниот од Климентина е супер… снимаме звук… снимаме видео… нека му ја мислат тие што ќе монтираат… снимање по часови, пред часови… некогаш малку и на часови 🙂 ама малку… безброј фејсбук разговори… кога…како… притисок на Лео, на Кико… ајде побрзо… до каде е филмот 🙂 што да ви кажувам… беше прекрасно искуство

Ви благодарам дечиња, ви благодарам колеги!!!

Advertisements

Трето место на државниот литературен фестивал „Ракатки“

17973929_1387916771273822_3003337882052590152_o.jpg

Неизмерна среќа на мојата ученичка Климентина Котеска и чест и радост за мене, како ментор, беше учеството на овогодинешниот фестивал „Ракатки“. Уште од првите години на моето вработување слушав за „Ракатки“ и многу сакав да бидам дел од фестивалот. По неколку неуспешни обиди, оваа година со песната „Желба неостварена“ од Климентина Котеска IX – 4 одделение, го освоивме третото место.

Климентина имаше можност да разговара со Филип Димкоски, со Горјан Петревски, Славица Арсова и ред други автори… Да се дружи со радовишани и да запознае дел од знаменитостите на градот.

Филип (почитуваниот млад автор, член на Одборот, и мој драг пријател) во групата на Фејзбук побара од нас да кажеме како си поминавме, кои се нашите коментари. Размислував многу на евалуацијата која требаше да ја направиме…

Фестивалот е една реткост, една бесценетост која не ја почитуваме доволно. Едно нешто што ја афирмира нашата младина, го промовира нашиот јазик и литература. Го афирмира мултикултурализмот (слушнавме творби на влашки, албански, турски…). Собира триесетина ментори од цела Македонија, кои се вредни и вешти во својата област. И сето тоа, оставено на милост и немилост од добронамерниците. За среќа ги имаше оваа година – но според мене, тоа не е доволно. Огромна пофалба на градоначалникот и на Општината Радовиш – Одборот вели: без нивна поддршка, фестивалот немаше ни да го има – СЕПАК, ова е фестивал кој исто како „Рацинови средби“ – ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВА, да не речам ЖИВУРКА!!!

Каде е нашиот патриотизам овде? Каде е нашата грижа за јазикот? За литературата? За младите генерации?

Овие дечиња и нивните ментори заслужуваат повеќе. Одборот, поетите, писателите, гостите – заслужуваат подобар третман. Потребна е логистика, финансии, свеж ветар!

Треба да се цени богатството што го дава овој фестивал!

20170422_195328.jpg

Две втори места на литературни читања

14375359_590103114495537_695904641_o

Ученичката Јована Стојческа од IX –  4 одделение е добитник на две награди (две втори места) на литературните конкурси по повод патроните празници на училиштата: „Добре Јованоски“ – Прилеп и средното училиште „Наум Наумовски – Борче“

Честитки за ученичката, нека ја следат уште многу успеси!

Наградените песни:

За Крушево

На Втори август Илинден светол
Крушево слави секое лето.
Се собираат сите, младо и старо,
насмеани, среќни, со насмевка ведра
на Мечкин Камен, споменик знаен
го празнуваат секој Илинден значаен.
Во илјада деветстотини и трета
година мачна, година клета,
во Крушево гратче славно,
се создала република рамноправно.
Никола Карев бил нејзин претседател прв
кој во нерамна борба со турски аскер
деветстотини и петта ја пролеал својата крв.
Питу Гули, војвода Илинденски
одел гордо напред со својата чета,
но на Мечкин Камен тој храбро загинал
од турската рака клета.
Крушево-гратче на Балканот мало,
и други познати личности дало.
Една од нив беше и нашиот Тоше,
ангел со милозвучен глас
кој со сите негови испеани песни
не` мамеше сите нас.
Но и тој на небото ангел стана,
ни остави во срцето длабока рана.
Останаа песните да ги пееме,
зашто само така душата да си ја залечиме ќе успееме.
И денес, ако појдеш во ова гратче мало,
потсети се што тоа во историјата дало.
На Мечкин Камен, Македониум и гробот на Тоше појди
и оттаму со убави спомени дојди.
Сето тоа врежи го во срцето,
сеќавај се на Крушево со насмевка на лицето.

Што е слободата

Слободата е шарено цвеќе
во градина што цвета,
слободата е златокрила птица
на небо слободно што лета.
Таа е сонце што силно не грее,
таа е детенце што милозвучна песна пее.
Во ливада црвена булка,
бебе што мирно спие во лулка.
Ветар што знаменце вее,
мајка што над сите нас бдее.
Бистра вода што течи,
песна што насекаде ечи.
Насмевка на лице што царува,
подарок на сите што се дарува.
Низ ливада што шета девојка мила
облечена во фустан од свила.
Птици што сакаат слободен лет,
деца што барат слободен и мирен свет.
Ајде сега да се фатиме рака за рака
без никаква тешкотија и мака,
орото на слободата да го развееме
за неа песна да запееме

Прво место на конкурсот за иновативни практики за МИО

 

 

Постерот од активноста:    We-are-Making-a-Childrens-Magazine

Денес бев дел од една убава манифестација: Фестивал на иновативни практики. УСАИД во соработка со МЦГО направија 450 наставници од Македонија да се чувствуваат пријатно. Ја имав таа среќа да бидам една од нив, и не само една од нив, да бидам прва, да добијам признание, чест, почит, награда за мене и за моето училиште.

Ми беше чест да бидам дел од фестивалот. Браво за УСАИД и МЦГО, браво бидејќи ги согледаа работите за кои многумина немаат храброст да зборуваат. Браво за проектот „Меѓуетничка интеграција во образованието“, за неговата идеја, за целите кои ги има поставено и за капацитетите што ги гради.

Потребата за овој проект е од суштинско значење. Таа е во доменот на изградба на мир во нашата земја. Македонија е земја во која живеат различни етникуми, различни култури и религии. Тој факт не треба да нè уплаши, да нè спреми да се повлечеме во нашите идентитети, туку треба да нè поттикне, да нè предизвика да работиме заедно. Да градиме иднина која нема да личи на оваа наша страшна сегашност.

Сведоци сме на сегрегација во училиштата, на гетоизираност по етничка и верска основа. Живееме во исти градови, во исти села, во иста земја и не можеме да се разбереме меѓу себе. Сликата за „другиот“ е секогаш негативна и полна со предрасуди и стереотипи. Не сме го запознале „другиот“, а веќе собираме аргументи дека „тој“ навистина е зол.

Ако вака продолжиме, не 2001, ќе нè стигни нешто многу полошо. Ќе се изгубиме себе си, земјата, сè што сме граделе и создавале. Ќе се збришеме сите, без разлика на верата и етничката припадност.

Затоа МИО-то е од огромно значење за иднината на нашите деца, за нашата иднина.

Ги храбрам Министерството и Бирото за развој, поинтензивно да ја имплементираат Меѓуетничката интеграција во училиштата. Да работат на изградба на капацитети. Потребно е неформално образование за наставниците. Потребна е едукација за методологијата на работа, но пред сè и над сè е најважна сензибилизацијата на наставниците и стручните соработници. Ние треба да знаеме што е тоа дискриминација, стереотип, предрасуди, да се преиспитаме себе си, кои се нашите слики за другите, како до изградба на мир… па потоа, можеме тоа да го пренесеме на децата.

Предметот македонски јазик е еден од најподатливите наставни предмети во кој може многу лесно да се имплементираат различни теми. Токму поради тоа, јас со голема леснотија вметнувам теми од мировното образование и редовно ги споделувам на интернет.

Мојата скромна едукација во темите поврзани со мировното образование, соочување со минатото, разрешување конфликти, ненасилство и сл. ја имам стекнато во основни и напредни тренинзи за изградба на мир од здруженијата: „Мировна акција“ – Прилеп-Тетово и Центар за ненасилна акција – Белград-Сараево. Овие тренинг програми топло им ги препорачувам на сите кои сакаат да бидат иновативни и успешни во процесот на мултиетничката интеграција.

Самостојна мултикултурна активност: ПРАВИМЕ ДЕТСКО СПИСАНИЕ

Ова е часот со кој учествував (заедно со VI – 1 одделение) на конкурсот произлезен од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието имплементиран од страна на Македонски центар за граѓанско образование. Часот ќе биде дел од Фестивалот за иновативни практики за меѓуетничка интеграција во образованието: „Преку иновација до подобра интеграција”.

Кратки филмови

За време на зимскиот распуст учениците имаа задача да снимат кратки филмови на две теми: Еко-тема или тема Непослушност. Оваа активност беше спроведена во сооднос со годишното планирање, според кое учениците учеа како се снима филм. Кои се подготовките за знимање. Па на часовите работеа синопсис, сценарио и според нив подоцна ги снимаа фимовите. Еве дел од нив:

Грижете се за природата и внимавајте на однесувањето

Загадена природа

Непослушен човек

Силјан Штркот

Филмот Силјан Штркот – снимен и монтиран од ученикот Леонардо Маркоски на овогодинешниот регионален натпревар на млади техничари и природници, во категоријата кино-техника го освои првото место и обезбеди пласман на олимпијадата.

Четврто место на Олимпијадата за млади техничари и природници

2016-04-09 14.25.13

Вчера се одржа 70 -та по ред Олимпијада на млади техничари и природници во Куманово, во ООУ „Кочо Рацин“. Нашиот град се претстави со 20 тина ученици заедно со своите ментори. Народна техника од Прилеп може да се гордее со многу освоени места. Едно од тие места е и нашето. Леонардо Маркоски од VIII – 4 одделение е младиот режисер кој за прв пат се обиде да биде дел од ова случување.

Под мое менторство и со поддршка и воведување во светот на филмот од страна на Анастасија Бошкоска и Оливер Ангелески, Леонардо направи два филма, од кои подобриот го однесе на Олимпијадата. За жал најпрвин се` изгледаше дека ќе е објективно и според правилата, а на крај местата ги заземаа некои кои не го заслужиле ни последното… но да не испадне дека плачам оти не сме освоиле медал, ќе речам само дека сум разочарана од тоа што го видов, пред очите на мојот ученик, ама се радувам за она што Лео за кратко време успеа да го направи. Филмот „Куцкамен“ беше мојот фаворит.