Учество на интернационален Thinkquest – натпревар

Минатата учебна година, ученици од нашето училиште зедоа учество на интернационалниот thinkquest – натпревар. На едукативната страница http://www.thinkquest.org.  го претставија проектот Welcome to Prilep. Идејата беше да се направи брошура која ќе им биде корисна на странците што доаѓаат во Прилеп. Учениците: Петар Тодороски, Павлинче Секулоска, Љубен Ангелески, Александар Костоски и Верица Попоска направија темелни истаражувања, сето тоа убаво го вклопија и го ставија на проект -страната. Откако ги изделија најважните и најосновните информации за нашиот град, тие ги вметнаа во малата брошура (флаер), која што сами ја дизајнираа. Брошурата може да се види на овој линк    мала брошура за Прилеп

Advertisements

Интервју со проф. д-р Јасна Котеска

Во текот на ланската учебна година, учениците од V – 3  одделение беа дел од проектот КАРИЕРНА БРОШУРА.   Проектот го реализираа на едуактивниот портал Thinkquest. Задачата им беше да истражуваат различни професии поврзани со македонскиот јазик и литература. Интервјуираа библиотекар, продавачка во книжарница и професорка. Едно од најубавите интервјуа беше интервјуто со професорката Јасна Котеска. Ова интервју кај учениците отвори многу прашања и разви една убав дискусија на часот по македонски јазик. Особено беше интересно што интервјуто беше изведено по електросни пат. Учениците најпрвин истражуваа за Јасна и потоа составија прашања кои што и` ги пратија на мејл. Иако помина една година од тоа интервјуирање, тие и денес имаат желба да ја запознаат. Се надеваме дека еден ден тоа ќе им се оствари.

Тој час ќе ми остани во долго сеќавање… цело време имавме чувство дека Јасна е со нас, не` слуша како зборуваме, како сама да ги одговараше прашањата… интервјуто беше 6-7 страни, на почетокот се плашев дека ќе им здосади на децата, но напротив, на првиот обид да ја прекинам ученичката со читање, сите деца едногласно, во извик, побараа да се чита уште… Јасна беше непозната личност за нив, но самото истражување за неа, електронската комуникација со неа, моите приказни од студиите поврзани со неа, ја направија присутна, ја направија наша пријателка, блиска личност која споделува животно искуство, учител кој не` разбуди од сон… и` благодарам за несебичната поддршка…

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ЈАСНА КОТЕСКА

1.Зошто се одлучивте да ја работите оваа професија?
Се одлучив да бидам професорка, бидејќи најмногу од се’ ја сакам училницата. Училницата е најубавото место на светот. На други места, може да ме повредат, или да ме излажат, или да ме навредат. Во училницата учиме, се дружиме и заеднички веруваме дека светот може да биде поубав. Не познавам ниедно друго такво место. Така не е во автобусите, ниту во канцелариите. Низ овие години, многу работи се променија во мојот живот, но една работа остана секогаш иста. Од кога имав 7 години до ден денес, секоја година, едвај чекам да заврши летото, за да се вратам во училницата. Кога ќе видам филм со училница, се залепувам за телевизорот и го гледам. Не знам ниеден филм, каде во училницата некому се случило нешто лошо.
2.Дали ја сакате оваа професија?
Најмногу на целиот свет. Не знам што друго би работела, ако не бев професорка, и ако не работев со книги. Можеби ќе цртав. Ама не знам да правам многу други работи. Немам слух, математика не знам најдобро, од физика слабо се разбирам, а дури не знам ни да готвам добро. Но, ете, од книги се разбирам и нив ги сакам. Некогаш си мислам дека човек не мора да знае многу работи. Но, таа професија што ќе ја одбере, треба да ја сака и да се труди да ја работи најдобро што може.
3.Дали сметате дека вашата професија е една од најнтересните и најкреативните?
Да, токму овие два одговори: најинтересна и најкреативна. Еве да замислам дека работам како хемичарка во лабораторија. Тоа е прекрасна професија, ќе работам со хемиски елементи. И цинкот е прекрасен, но за оној што знае да го „слушне“. Јас не знам, мене цинкот не знае да ми „зборува“ (ме разбирате што сакам да кажам нели? Цинкот не зборува, но за хемичарите, тој сепак „зборува“).
А во училницата, секој ден зборуваме за убава книга, читаме убава мисла. Кога ќе отворите убава книга, тоа е како да сте разбудиле некој добар дух, кој дотогаш спиел. И потоа со тој дух може да разговарате преку другите луѓе, што исто така го разбудиле. Тој дух не’ прави подобри, погрижливи, посреќни.
4.Како може да се стекне оваа професија?
Лесно. Требаат само три работи. Да се сака оваа професија. Да се учи. И да се читаат книги. Значи треба љубов, знаење и читање. А тие се трите најубави работи на светот.
5.Од каде ја црпите инспирацијата за пишување?Од книгите, од себеси и од луѓето. На пример, јас не знам да пишувам за пејзажите или за предметите. Знам да пишувам само за луѓето. Секогаш кога читам, потоа сакам и да пишувам. Не можам да пишувам, ако не сум читала пред тоа.
Има и една финта. Порано сакав да пишувам како моите омилени писатели. И се обидував. Ќе седнев и ќе напишев нешто што мислев дека би го напишал Толстој ако е жив, или Гете, или Сервантес, но тоа секогаш звучеше лошо. Никој не може да пишува како некој друг. Потоа почнав да пишувам од моето срце, иако тоа не е секогаш лесно, затоа што ти е срам, или ти се чини дека е лошо напишано. Но, потоа луѓето ми велеа дека само тие текстови, што излегуваат од моето срце, се добри. Тогаш си помислив дека човек може да пишува само според самиот себеси.

6.Колку студенти имате?Околу 50 студенти. Но, оваа година имам околу 90, бидејќи сега предавам повеќе предмети. Но, ние се гледаме на часовите во помали групи. И во училницата секогаш има околу 30-тина студенти. Како во секое училиште.
7.Колку книги имате прочитано?

Оф, ова е најтешкото прашање. Навистина не знам. Знам дека немам прескокнато ниедна лектира. Ги прочитав сите книги во основно училиште. Потоа сите во средно. И потоа сите на факултет. Потоа веќе никој не ми кажуваше што да читам, па почнав да ги читам книгите што ги читале писателите што ги сакам. Па почнав да откривам нови и нови книги. Денес читам книги на екран, барем исто толку колку што читам и на хартија. Не е важно каде се читаат книгите, тие секаде се убави.
Всушност, ако размислам подобро, мора да сум прескокнала некоја лектира.  Невозможно е да сум ги прочитала баш сите книги за училиште. Можеби сум ги прочитала подоцна. Но, затоа некои книги сум прочитала по повеќе од еден пат. Книгата не треба да бара напор. Треба да се сака книгата што се чита.
8.Колку вашиот ангажман за вашата професија влијае врз вашиот живот?
Влијае доста. На пример, јас имам син кој има 7 години. Читам и пишувам кога тој е во училиште од 8 до 3 (оди во целодневна), но по 3 часот попладне избегнувам да работам се’ додека син ми не си легне. Тоа време сме сите заедно. Потоа, кога ќе си легне, пак читам или пишувам, понекогаш до доцна во ноќта. И некогаш сум ненаспана, но сум среќна. Најчесто пишувам дома, бидејќи на работа имаме мали кабинети, во кои има многу професори, па таму нема место да се чита и да се пишува. Затоа читам и пишувам дома. Кога чукам на тастатурата, тоа го нервира маж ми, па тој ми купи тастатура на Епл која не испушта звуци. И сега немам проблем да работам дома. Исто така, често пати мора да станам на пола реченица за да направам нешто по дома. Но, ако испуштам една мисла, ќе дојде друга. Не треба да им се робува на мислите. Едни ќе си одат, ама ќе дојдат подобри.

9.Дали некогаш сте се покајале што сте ја одбрале оваа професија?
Прво ми дојде да речам никогаш. А потоа ми текна дека тоа не е вистина. Имало моменти кога сум си помислила дека во другите професии е подобро. Тоа било кога сум била уморна, или кога некој ме повредил, или кога не сум го добила тоа што сум го сакала. Но, потоа ќе излезам да се прошетам или ќе се дружам со пријателите. И потоа знам дека сакам да им се вратам на книгите и на пишувањето. Тие сомнежи се нормални. Замислете човек да не се сомнева во ништо. Нешто нема да биде во ред, нели?

10.Колку години сте професорка на факултет?
15 години.

11.Дали сте работеле во основно или средно училиште?
Работев една година како професор во средното училиште „Арсениј Јовков“. Тогаш имав 22 години, а моите ученици 15. Таму запознав прекрасни ученици, а некои од нив ми останаа пријатели до ден денес.

12.Дали ви се допаѓа пишувањето на колумни?
Мора да признаам дека не ми се допаѓа. Прво сакав да пишувам колумни, затоа што се чувствував горда што токму мене ме поканиле за да пишувам, затоа што колумните се кратки, затоа што те има во весник и затоа што сите ќе дознаат што мислиш за некоја работа. Мислев дека е тоа важна професија. Сите комшии ме поздравуваа со почит.
Но, кога почнав да ги пишувам колумните, сфатив дека се мачам со нив, затоа што колумните најмногу личат на вести. А јас не сакам вести. Во колумните на пример, не може да ја опишеш твојата омилена видео игра, и зошто сакаш да ја играш. Не можеш да раскажеш бајка, оти луѓето не купуваат весници за да читаат бајки. Не можеш да го опишеш своето куче и колку е тоа прекрасен пријател. Ниту можеш да опишеш како денес те израдувал твојот пријател. Луѓето не ги купуваат весниците за да прочитаат убави работи. Тие сакаат да знаат што мислиш за Груевски или за Црвенковски. А јас на нив не мислам воопшто, или многу ретко. Или луѓето сакаат да знаат што мислиш за земјотресот или за поплавата, а јас се растажувам од земјотресите и од поплавите и не знам зошто треба да нападнам некого затоа што имало земјотрес. Исто така луѓето понекогаш купуваат весници за да им се смеат на туѓите маки. Сакаат да напишеш зошто некој водител на телевизија бил смешен или глупав. Но, јас речиси и не гледам телевизија. И не ги знам водителите. Гледам филмови, цртани филмови и читам книги. Потоа се извинив и реков дека не сакам повеќе да пишувам колумни. Затоа што јас всушност не сакам да читам весници, туку книги.
Освен тоа колумните за весниците мора да се пишуваат секоја недела и треба секогаш да имаат по една и пол страница. А мене ми се случуваше, во една недела да сакам да напишам 30 страници, а во другата недела да не сакам да напишам ниедна страница. Затоа престанав да пишувам колумни и сега сум повторно среќна.
13.Што сакате најмногу да читате?
Најмногу сакам да читам филозофија. Сакам да прочитам како некој филозоф го разбира и го опишува светот и луѓето. Потоа сакам да читам романи. Па поезија. Па раскази. По тој редослед. Но, признавам дека читам се’. Сакам да читам стрипови, сакам да читам блогови на интернет. И кога не сакам да читам, пак читам: читам налепници на шампоните, читам реклами по билбордите, читам имиња на продавниците по улица, и некогаш не може да престанам да читам се’ околу мене. Тоа не е секогаш погрешно, но човек треба да се внимава да не му се направи гужва во главата. Ако тоа ми се случи, тогаш одам на прошетка покрај Вардар каде што нема реклами. Или седнувам покрај прозорецот. Главата треба да се полни со зборови, но треба и да се празни од мисли, затоа што мислите и туѓите реченици понекогаш знаат и да не’ уморат.
14.Каква е вашата соработка со студентите?

Моите студентите се поголеми од вас, но на некој начин се’ уште се деца. И јас честопати се чувствувам како дете, иако не изгледам така. Па понекогаш се збунувам. Ако чекаме во редица и ако некој рече дека треба да излезат децата, мене понекогаш ми доаѓа да излезам од редот, но потоа ми текнува дека не сум дете, па се враќам во редот. И вашите родители честопати се чувствуваат како деца, иако вам не ви изгледаат како деца. И никогаш нема да ви признаат дека понекогаш се чувствуваат како деца. Затоа што се плашат и мислат дека секогаш треба да бидат возрасни.
Со некои студенти до ден денес се допишувам по е-маил, иако тие дипломирале одамна. Како со вашата Џули, која е прекрасна. Некои студенти ми ги испраќаат своите раскази и песни и јас ги читам и потоа им кажувам кои ми се допаднале најмногу. Некои студенти редовно ми доаѓаат на гости, да си размениме книги, или за да гледаме заедно филм. Со некои студенти веќе не се гледам редовно, тие си заминале во своите градови, но кога ќе се видиме на улица, секогаш се поздравуваме, а понекогаш и се гушкаме.
15.Кои предмети ги предавате?
Предавам словенечка книжевност – тоа е книжевноста од Република Словенија. Потоа предавам светска книжевност, тоа е предмет на кои ги читаме најубавите книги од светот. Потоа предавам еден предмет што се вика Методика на наставата по книжевност, таму учиме како еден професор треба да ја предава книжевноста во училницата. Предавам и еден предмет за најмладите македонски писатели. И еден предмет за женската книжевност, за книгите што ги напишале жените. А најново, предавам и еден предмет за филмот.

16.Кои оцени најмногу ги пишувате?
Најмалку пишувам петки. Мене ми е срам ако некој студент добие петка. Тоа значи дека јас не сум се потрудила, дека не сум работела со него или со неа, дека не сум им посветила внимание. Не ги сакам ни шестките. Тоа значи дека студентот само се потрудил да помине, но дека вистински не ги засакал книгите. А најмногу сакам да пишувам десетки. И честопати пишувам десетки и тогаш сум горда на моите студенти.

17.Дали сте работеле нешто поразлично од професорка на факултет?
Мора да признаам дека никогаш не сум работела ниедна друга работа. Јас некако толку многу ја засакав училницата, што цел живот останав во неа.
Мора да ви откријам една тајна. За една моја другарка од основното училиште. Се вика Весна. Весна сакаше да биде стјуардеса. Стјуардесите летаат со авион, патуваат во различни земји, знаат многу јазици, секогаш се насмеани и убави. Но, Весна не беше убава, не и’ одеа јазиците, и беше најсрамежливото девојче во училницата. Сите од класот се смееја кога Весна велеше дека сака да биде стјуардеса. Сепак, кога останувавме сами Весна ми велеше дека најмногу на светот, сепак, сака да биде стјуардеса. Потоа завршивме основно, па средно и јас веќе студирав на факултет, кога по многу години на улица повторно ја сретнав Весна. Весна ми раскажа дека не се запишала на факултет, но се запишала на курс за стјуардеси, дека оди на курс по јазици, и дека секој ден плива во базенот. Потоа поминаа уште неколку години. Еднаш требаше да одам на конференција во Словенија и да летам со авион. Кога седнав на моето место, го кренав погледот и ја видов Весна во прекрасно сино одело. Весна беше стјуардеса во нашиот авион. Потоа уште многу пати летав со авиони во кој Весна беше стјуардеса. Не треба да ви кажам дека Весна е најдобрата стјуардеса што ја знам. Весна е секогаш насмеана. Весна ги има најубавите топли очи. Секогаш ги смирува патниците кои се уплашени, им вели дека летањето со авион е прекрасно нешто. Затоа што летањето е прекрасно за Весна. Затоа што на Весна и’ е убаво во авионот. Потоа им станува убаво и на другите патници покрај Весна.
Тајната што сакам да ви ја кажам е дека секој станува тоа што ќе посака. Знам дека ви звучи глупаво и неточно, но кога денес го гледам албумот со сликите од основно, гледам дека навистина секој стана тоа што посакуваше. Испадна дека не е тешко да се стане тоа што сакаш. Тешко е да станеш тоа што не сакаш, а некој друг те убедил дека е тоа најдобро за тебе, иако ти тоа не си го сакал. Никогаш не треба да се откажеш од својата желба. Весна беше последното девојче во нашето одделение, кое имаше шанса да стане стјуардеса, но ви велам, таа стана стјуардеса, затоа што сакаше да биде стјуардеса, затоа што работеше напорно за да стане стјуардеса и затоа што веруваше дека ќе стане стјуардеса. Денес е среќна.
Исто така, честопати човек не знае која професија да ја одбере. Всушност, не знаев ни јас. На пример, кога завршивме основно училиште, мојата најдобра другарка, Маријана, одлучи да се запише на право. Дојдов дома и на мајка ми и’ кажав дека ќе се запишам на право. Сакав да бидам во истата училница со Маријана. Мајка ми ме праша дали знам што е тоа право. И’ одговорив дека не знам. Но, дека сакам да учам каде што ќе учи Маријана. Мајка ми ми вети дека со Маријана ќе се гледам секој ден. И, повторно ме праша што најмногу сакам да правам. Реков дека сакам да читам книги и дека сакам да цртам. Мајка ми ме праша што сакам повеќе од тие две работи. Одговорив дека повеќе сакам да читам книги. Штом е така, ми рече, треба да се запишам во јазичната гимназија. Се запишав и не зажалив. Беше во право.
Човек треба да одбере да го работи тоа што го сака. Дури и кога тоа што го сака звучи чудно. Како читањето стрипови. Или како гледањето цртани филмови. Или како играњето видео игри. Тие што играат видео игри, кога ќе пораснат стануваат инженери и прават видео игри за другите деца. Тие што сакаат да гледаат филмови, може да станат режисери или камермани. Тие што сакаат стрипови, може да станат сликари или цртачи. А сликар, режисер, камерман, инженер… тоа се убави професии, нели?

18.Што имавте по македонски јазик во основно училиште?
Имав прекрасна наставничка и имав петка. Петките веќе не ги помнам, но наставничката Љубица ќе ја помнам цел живот. Таа ме научи да ги сакам книгите.

Учениците беа пресреќни на искрените одговори од професорката. во нивата евалуација на пректот го рекоа следното:

ЈАНА НАУМАОСКА:

Неколку пати ги прочитав одговорите на нашите прашања од професорката Котеска и како ден ми стана јасно дека во животот една од најважните работи е да ја сакате својата професија. Прво, низ одговорите на професорката јасно се гледа колку таа ја сака својата, и со колку  многу љубов, трпение и разбирање одговара на нашите прашања. Второ и многу битно за мене е тоа што видов и прочитав за тоа колку многу може да се сака книгата и пишаниот збор. Трето и  многу поучно за сите нас е примерот даден од професор Котеска за моментите при изборот на професијата и желбата да бидеме заедно со својата другарка. Низ него ни кажува дека со правилен сопствен  избор и слушањето на својата желба нема да не оддалечи од никого. Исто така нејзините зборови ме уверија дека во животот е во ред да се сомневаме, да се преиспитуваме,да се препрашуваме за направените работи и дека тоа е нормално. Но, најважно од се за мене е дека после прочитаните одговори се преиспитав себеси во врска со мојот однос кон книгата и читањето. Знам дека во иднина ќе се трудам повеќе да  читам, затоа што само човек што чита и ја сака книгата може  толку убаво, јасно, широко, искрено и лесно да си оговори на своите, но и на туѓите прашања.

АНДРЕЈ ТАНЕСКИ:

Интервјуто со Јасна Котеска за нас учениците претставува неповторлива можност да се запознаеме со еден посветен професор, за кого литературата е извор од кој таа црпи енергија за нејзиниот професионален ангажман со студентите но секако и за во приватниот живот. Пишаниот збор претставува нешто свето за неа и инспирација за постигнување на врвни резултати. Ние учениците кои сме на почетокот на нашиот професионален живот во Јасна можеме да нејдеме пример како се сака и како посветено се работи. Затоа што таа ни покажува дека не е доволно само да се извршуваат работните обврски туку треба да се извлечи максимумот од себе и несебично да се стремиме кон совршенство. Така таа безрезервно се дарува себе си на пишаниот збор но и на образовната и воспитна дејност со студентите. 

ТИМОТЕЈ РИСТЕСКИ:

По интервјуто со Јасна Котевска можам да кажам дека остави голем и позитивен впечаток кај мене.Се работи за една комплетна и исполнета личност.Дефинитивно ја работи работата со љубов и голема посветеност.Особено сум восхитен од нејзината позитивност и ведар дух.Прекрасно е тоа што работи она што го сакала од секогаш.Не само што е таа позитивна туку тоа го пренесува и на своите студенти.Тоа е една многу важна работа која им го олеснува студирањето на студентите.Мислам дека со една ваква професорка покрај себе многу полесно се  совладуваат тешкотиите во студирањето. Љубовта што професор Јасна Котевска ја има кон книгата ја пренесува на своите студенти.Ми се допаѓа и начинот на кој таа комуницира со студентите.Многу е битно и тоа што комуницира со нив и надвор од факутетот,како и взаемното почитување и после завршувањето на студиите.Со еден збор кажано професор Јасна Котевска е една од ретките личности што имаат толку квалитети.

Дигитални часови

На web- страната thinkquest.org со моите ученици бевме дел од проектот ИКТ – во мојата училница. На овој проект зедоа учество учениците од VII И VIII одделение. Пет групи изработија дигитални часови кои се корисни за наставата.

Група ФИЛМ

  1. Катерина Паскоска
  2. Деспина Силјаноска
  3. Виктор Јованоски
  4. Антонио Илиоски
  5. Сара Грабулоска
  6. Никола Дачески

Часот можете да го видите на овој линк:  Филмови

Група ГЛАГОЛСКИ ФОРМИ

  1. Ивана Адамческа
  2. Александра Гагалеска
  3. Надица Парапанска
  4. Елена Спиркоска
  5. Бојана Тодороска
  6. Димитар Јованоски

Часот можете да го видите на овој линк: Глаголски форми

Група ЗБОРОВНИ ГРУПИ

  1. Ивона Дамеска
  2. Теодора Тасевска
  3. Никола Желчески
  4. Дарио Илиоски
  5. Ненад Стојаноски
  6. Меланија Андоноска

Часот може да се види на овој линк: Зборовни групи

Група: ОСВРТ НА ГЛЕДАН ФИЛМ

  1. Марија Зероска
  2. Катерина Атанасоска
  3. Емилија Чавлеска
  4. Симона Иваноска
  5. Ангела Иваноска
  6. Роберта Ацеска

Часот може да се види на овој линк: walktorememberpictures

Група: ДРАМА

  1. Александар Костоски
  2. Ангела Башеска
  3. Благојче Чаески
  4. Божидар Нешкоски

Часот може да се види на овој линк:драма