МИРОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ИМПЛЕМЕНТИРАНО ВО ЧАСОВИТЕ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

 

Апстракт

Во овој труд се изнесуваат ставови за потребата на Мировното образование во наставниот процес и начините на негова имплементација во наставата по македонски јазик. Трудот содржи практични примери од одржани часови во основно училиште во кои се вметнати тематски области значајни за Мировното образование. Методолошки користено е работа во групи, парови, писмени состави, дебати, видео презентации, гледање филмови, дискусии и техники и методи кои се користат во неформалното мировно образование.

Клучни зборови: мировно образование, македонски јазик, имплементација

This paper presents views on the need for Peace Education in the teaching process and the ways of its implementation in teaching Macedonian.The paper contains practical examples of primary school lessons that incorporate thematic areas relevant to Peace Education. As far as methodology is concerned there is a great variability of forms and methods used in teaching, such as group work, pair work, written compositions, debates, video presentations, watching films, discussions and techniques and methods used in informal peace education.

Keywords: peace education, Macedonian language, implementation

 

Мајчиниот јазик е основниот наставен предмет во сите образовни системи. Тој го зазема првото место во училишниот дневник. Неговото значење денес, за жал е занемарено, но и покрај тоа, тој предмет е она од што сè друго произлегува. Широчината на темите и големиот видокруг на нештата овозможуваат многу имплементации во самата наставна програма. Една од нив е и МИРОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ.

Што подразбираме под МИРОВНО ОБРАЗОВАНИЕ?

Поттикнување на младите луѓе да го негуваат мирот како една од основните општествени вредности, целосно отфрлање на војната и насилството како начини за решавање на конфликтите, соочување со минатото и градење позитивна слика за работите за кои што сме научени дека се лоши под влијание на предрасудите, прочистување од стереотипите, преиспитување на национализмот, милитаризмот и патријархалните начела – кои длабоко оставиле корења во нашето општество и често се причина за конфликт и загрозување на нечија слобода.

Под Мировно образование се подразбира и јакнење на свесноста за заштита на човековите права и слободи на поединецот и групата. Важноста на дијалогот, соработката и солидарноста.

Зошто е потребно МИРОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ?

Програмата за Мировно образование е неопходна за денешните, но и за идните општествени збиднувања. Живееме во тешко време, полно со предрасуди и стереотипизации. Отсекаде потиснати со национализам, клерикализам и политиканство. Раснењето на младите луѓе во сите тие пропаганди многу лесно може да создаде насилници кои ќе бидат сериозна закана за општеството.

Македонија е мала земја, но доволно голема да прими во себе различни етнички групи, религии и убедувања. Сите тоа да може да живее заедно во мир, треба да биде едуцирано во вистински ненасилни насоки.

Потребата за Мировното образование најмногу можеме да ја видиме во нашите образовни установи. Често слушаме на вести како дошло до физичка пресметка помеѓу ученици од различни етнички групи. Национализмот, омразата кон другиот, насилството, нетрпеливоста, се постојано присутни во нашите училишта. За да се спречат или да се намалат тие несакани појави, потребно е да се работи со учениците. Мировното образование токму тоа може да го постигне.

 

Со програмата за Мировно образование ќе се создадат капацитети кои во иднина ќе овозможат поголема соработка и солидарност меѓу учениците. Ќе изградат поголеми слободи и демократија. Ќе овозможи детектирање и намалување на дискриминацијата по секоја основа.

Теми кои ги опфаќа мировното образование

Мировното образование има широк спектар на теми. Секоја од нив има свој пристап во зависност од целната група. Некој од темите кои би биле интересни за основците се: ненасилна комуникација, конфликт, разбирање на насилството, предрасуди и дискриминација, род, ненасилна акција, ненасилна разработка на конфликти, изградна на мир…

Каде во наставната програма по македонски јазик може да се имплементира МИРОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ?

            Предметот македонски јазик има четири наставни подрачја: јазик, литература, изразување и творење и медиумска култура. Во сите наставни подрачја може да се имплементира Мировното образование. Потребно е само прилагодување на темите за наставни часови кои се податливи за тоа. Учениците низ учењето на задолжителниот материјал, ќе научат нешто повеќе, без притоа да губат дополнително време или да се напрегаат кон негово совладување.

Според темите кои се наведени, на прв поглед не изгледа баш лесно каде би можело да се имплементира сето тоа. Но прилозите, подолу во текстот, го зборуваат спротивното.

Наставно подрачје ЈАЗИК:

Граматичките вежби најчесто се состојат од реченици и кратки текстови во кои учениците треба да направат синтаксичка или морфолошка анализа. Текстовите кои што најчесто наставникот/чката ги измислува или ги пронаоѓа, можат да имаат теми инспирирани од мировното образование.[1]

Во тематската целина фонетика, учениците можат да наоѓаат согласки, самогласки, сонанти, во зборчиња како: мир, конфликт, дискриминација, војна, па дел од нив нема да бидат јасни, наставникот/чката може да оддели некоја минута од часот и да даде објаснување на зборовите. Таа пракса за објаснување на непознати зборови е вообичаена активност на скоро секој час. Наставникот/чката е должен/на да им ги разјаснува непознатите зборови. Во учебниците на задните страници има речник со непознати зборови. Учениците низ наставниот процес треба да го збогатуваат речникот и да дознаваат значење на нови зборови. На моите часови учениците редовно го користат дигиталниот речник на македонскиот јазик (http://www.makedonski.info/). Со таа активност наставникот/чката успева да спроведе три, многу важни активности: предавање на зададениот материјал според годишната програма, имплементирање на мировното образование  и користење на ИКТ во наставата.

Наставно подрачје ЛИТЕРАТУРА:

Во текстовите од учебниците може да се сретнат содржини од Мировното образование.[2] Тие текстови можат да се искористат за дискусија на час. Наставникот/чката низ прашања можат да извлечат ставови од учениците поврзани со текстот. Ако забележат дека некој од учениците низ изјавите покажува говор на омраза или насилна комуникација, се создава дополнителен простор за разработка на овие појави низ вежби, со или без помош на педагошко-психолошката служба, во зависност од спремноста на наставникот/чката за самостојно водење на таков процес (чија едукација не е дел од формалното образование на наставниот кадар).

Часовите предвидени за драматизација допуштаат дечињата да драматизираат текст подготвен и адаптиран за нивна возраст, а во себе да има содржини од Мировно образование. Анализата на ликовите ќе овозможи да се исполнат целите. Исто така методолошки е докажано дека играњето улоги (role play) овозможува идентификација со ликот и тоа води кон преиспитување на себе си.

Наставно подрачје: ИЗРАЗУВАЊЕ И ТВОРЕЊЕ

Ова наставно подрачје овозможува многу простор за имплементацијата на Мировното образование. Според наставната програма учениците треба да изработат три задолжителни писмени работи. Темите за писмените работи се оставени на изборот од наставникот/чката. Најчесто, според досегашната пракса, која што не е задолжителна, две теми се од материјалот, инспирирани од лектира или некој текст, песна… а една е слободна. Значи една тема може да се искористи за имплементацијата. Писмената работа има час за подготовка и два часа за поправка, тоа овозможува доста простор да се разговара на пример на темите дискриминација и соживот.[3] На тие три часа има доволно време да се направи јазична корекција, така што остатокот од времето, наместо да се препишува истиот текст со поправките (што сметам дека е само губење време), може да се дискутира за ставовите на учениците произлезени од текстовите.

Поправките на писмените работи се најчесто загубени и досадни часови. Нивниот редослед оди вака: се даваат писмените, наставникот/чката ги запишува во дневникот, учениците ги гледаат грешките и го препишуваат текстот со поправките, често се случува некој ученик да нема грешки (барем не детектирани), но сепак тој го препишува текстот. Потоа се читаат најдобрите и никој освен тој што го чита, не го слуша текстот.

Според мене, наставникот/чката во секоја писмена дава писмено-повратна информација за сработениот текст. Ги сумира правописните и интерпункциските грешки и ги запишува на таблата, тоа е она што учениците треба да го запишат во тетратките. Потоа дискутира за стилот, грешките во изразувањето и на крај отвора дискусија за ставовите што се искажани во текстовите. Ги предизвикува учениците да се доискажат, отвора дебата. Тоа ќе помогне тие да размислуваат и следната писмена да дадат повеќе од себе. Нема да ја зголеми нивната креативност и критичност тоа што ќе опишат некој лик од расказ или роман, или ќе најдат готов состав од тетки, стрини и вујни за пролетта, за мојот роден крај или за заштита на планетата Земја. Само актуелни теми, скокотливи содржини, можат да предизвикаат кај нив критичност и креативност. Тоа од нив ќе направи личности, а не папагалчиња кои на првото пребарување на интернет ќе копираат текст со теми кои ги правеле за писмена нивните баби.

Ова подрачје овозможува дебати, дискусии и усни излагања на учениците. Наставникот/чката може да смисли тема која ќе биде актуелна и интересна за децата. Од дискусијата ќе произлезат многу работи кои ќе можат да помогнат за остварување на зададените цели. Најсоодветно е, ако условите дозволуваат, разговор во круг. Исто така техниката барометар[4] е многу податлива за овој тип часови.

Изучувањето на директниот и индиректниот говор, учениците можат да го совладаат преку техниката активно слушање.[5]

Наставно подрачје МЕДИУМСКА КУЛТУРА

Ова наставно подрачје е најинтересно за учениците. Иако праксата покажува дека само десетина часови се определени за него, сепак може да се искористи дел од нив и да се имплементира мировното образование.

Наставникот/чката може да изнајде документарен филм (соодветен на возраста) во кој се разработува некоја проблематика. Може да најде фотографии, филм, театарска претстава, едночинки, радио-драма, видеа со спроведени акции, како на пример директна ненасилна акција… учениците да ги гледаат и потоа да дискутираат на темата. Исто така доста интересен може да биде часот кога учениците учат за печатени и електронски медиуми. Јас со моите ученици на тој час правиме детско списание во кое вметнуваме страници во кои се зборува за малцинствата кои што живеат во нашата земја.[6]

Рефлексија

 

Од искуството што го имам со моите ученици, секогаш кога ќе искористам некој метод или техника кои што сум ги научила на тренинзите за изградба на мир или сум ги прочитала во некој прирачник направен за таа цел, атмосферата во училницата е прекрасна. Децата сакаат нови работи, особено кога сами ќе заклучат дека научиле нешто ново на поинаков начин.

Таа нивна радост ми дава мотивација да продолжам со понатамошно едуцирање во таа насока. Исто така задоволство е кога ќе видиш дека дел од часовите повлијаеле на некој од учениците и тој/таа своето искуство го споделува со некој друг. Го раскажува, го применува, размислува за него.

 

Пример за наставен час со имплементација на Мировно образование

Пример 1

 

Наставна единица: Вежби за именки

Одделение: VI (шесто)

Наставно подрачје: Јазик

Тип на час: Час за повторување

Цели на часот: Учениците треба да знаат да ги препознаваат именките во текст. Да ги разликуваат од другите зборовни групи и да знаат да ги препознаваат граматичките категории кои што ги поседуваат во дадената реченица. Наставниот лист треба да им отвори размислување за умешноста при решавање на некој конфликт. Да го разберат решавањето на конфликтот од гледна точка на разбирањето на заедничките интереси и потреби.

Форми на работа: Индивидуална, групна

Методи и техники: текст-метод, дијалошки метод, монолошки метод, метод на анализа. Работилница: УСПЕШНО РЕШАВАЊЕ НА КОНФЛИКТ

Наставни средства и материјали: Наставен лист „Портокал“.

Корелација: Мировно образование

Поими: именки, граматички категории, конфликт, интереси, потреби, решавање

Тек на часот

Воведен дел: Наставничката усно испрашува прашања од морфологија: зборовни групи, менливи и неменливи зборови, видови именки и категории кај именките. Откако ќе се осигури дека материјалот е совладан, им дели наставно ливче.

Главен дел: Учениците имаат време од десетина минути да ги најдат именките во текстот, да ги подвлечат и да кажат какви се по вид. Кај општите именки треба да одредат која граматичка категорија ја поседуваат.

Наставничката ја надгледува работата, ги слуша сработените задачи. Дообјаснува, помага и дава забелешки онаму каде што има потреба. Учениците ги читаат именките, видот и категориите. Наставничката дава усно-повратна информација.

Штом сето тоа се заврши наставничката отвора дискусија за текстот. (Оваа дискусија може да започне на половина од часот, материјалот за именки е совладан уште од подолните одделенија. Учениците во шесто одделение многу добро ги препознаваат и промената на задачата ќе им го разубави часот).

Прашања:

  1. Што сакала Ана, а што Кате?
  2. Што сакала да направи Ана со портокалот, а што Кате?
  3. Дали Ана знаела зошто ѝ е потребен портокалот на Кате? Дали Кате знаела зошто на Ана?
  4. Во кое својство беше наставничката?
  5. Дали наставничката ги слушнала нивните интереси или нивните барања?
  6. Дали конфликтот можеше да се реши поинаку и како?
  7. Дали за решавање на некој конфликт би повикале посредник?

Завршен дел: Дискусијата продолжува и во завршниот дел. Наставничката со помош на учениците доаѓа до заклучок дека конфликтот може да се реши многу едноставно, ако ги имаме предвид интересите и потребите на оној што ни се спротивставил.

Наставен лист 1

ПОРТОКАЛ

Ана и Кате вчера се скараа поради еден портокал.

– Дај ми го, мене ми треба портокалот. – Викна Ана

– И јас сакам портокал, не може да го земеш ти! – го грабна Кате од катедрата на наставничката.

Во тој момент влезе наставничката и ги праша двете во што е проблемот. Двете девојчиња без да објаснуваат рекоа дека им е потребен портокалот. Наставничката сфати дека и двете сакаат една иста работа, па затоа зеде нож и го пресече портокалот на половина. Така што и двете добија по една половина.

Ана ја зеде својата половина и ја излупи, ја фрли кората и ја изеде внатрешноста. Кате ја зеде својата половина, ја излупи и лушпите ги сочува за декорација на нејзината честитка, а внатрешноста ја исфрли.

Пример 2

 

Наставна единица: МИО – работилница мотивирана од текстот „Мостови“

Одделение: VI (шесто)

Наставно подрачје: Литература

Тип на час: Час за повторување

Цели на часот: Преку содржината на текстот „Мостови“ од Г. Болиновски[7] да согледаат дека може лесно да се има соживот со другите етнички заедници. Запознавањето на другите етнички заедници може да ни покаже дека постојат многу сличности меѓу  нас, токму тие можат да ни помогнат да изградиме мостови, да имаме соживот.

Форми на работа: Групи

Методи и техники: Текст-метод, дијалошки метод. Техника: играње улоги. Работилница за градење мостови меѓу различни етнички заедници.

Наставни средства и материјали: наставно ливче

Корелација: Мировно образование

Поими: етничка заедница, соживот, градење мостови

Тек на часот

Воведен дел: Еден ученик го чита текстот „Мостови“. Наставничката ги дели учениците во групи и им дава обележја на едно дете од четири застапени етнички групи во нашата земја: Албанци, Турци, Роми, Македонци.

Главен дел: Еден ученик од група ги чита обележјата кои ги претставува неговата етничка заедница. Останатите ученици прават белешки што од кажаното е слично со карактеристики од етничката заедница што ја добиле тие. Потоа седнуваат во својата група и дискутираат како можат да изградат мост и да се дружат заедно (бидејќи се наоѓаат на спротивните страни од реката, исто како момчињата од текстот „Мостови“). Мостот ќе биде само една метафора за нивниот соживот. Задачата е да ги детектираат сличностите и врз основа на нив да изнајдат начин за да се дружат.

Завршен дел: Ги читаат плановите кои ќе им овозможат да се дружат заедно. Дискутираат за тоа колку сме слични иако различни.

Наставен лист 2

Армин има десет години. Тој има две сестрички помалечки од него пет години. Близначките Фланза и Мирјета му прават многу проблеми. Секогаш неговите го тераат да внимава на нив и секогаш без разлика на виновникот, тој е виновен. Тоа често го лути, но нема што да прави, постариот брат мора да се грижи за своите сестрички. Армин сака да игра фудбал, тренира во локалниот клуб во Дебар и сонува да стане славен фудбалер. Сака да јади сладолед од ванила, а од зеленчуците најмногу го сака карфиолот. Може да изеде цела тегла сторен карфиол. Од предметите најмногу му оди математика, мајчиниот јазик помалку го влечи, некако слабо му се читаат лектири, тој повеќе ужива во фудбалските натпревари од лигата на шампионите.

 

Ферзије има десет години. Таа има две помали братчиња: Фаик и Агуш. Тие многу ја нервираат, секогаш прават некои бељи и таа мора да биде одговорна за нивните постапки. Нејзините родители од неа бараат да биде одговорна за двајцата палавковци. Ферзије многу сака да чита книги. Мајчиниот јазик е нејзиниот омилен предмет. Таа може со часови да се задлабочи во некоја книга и да не ѝ треба ништо.

Ферзије сака да јаде тостови. Тоа ѝ е омилено јадење. Таа исто така сака да пие топло чоколадо и ужива да гледа филмови.

 

Осман има единаесет години. Тој има постара сестра која секогаш го нервира. Ајше се прави многу паметна, секогаш таа е во право и тоа многу го лути Осман. Осман многу сака да чита книги. Мајчиниот јазик му е омилен предмет. Тој често се кара со Ајше бидејќи го зафркава што чита толку многу. Таа не е по читањето и смета дека Осман губи време во тие купишта книги.

Сладоледот му е омилено јадење, особено од ванила, а многу сака да јади и туршија. Едвај чека баба му да ја нареди тубичката со карфиол. Таа е специјално направена за него. Си зема полн ваган карфиол и си гледа фудбал. Особено ужива во лигата на шампиони.

 

Калина има единаесет години. Таа има еден постар брат кој секогаш ја нервира. Горјан е секогаш во право, тоа многу ја лути Калина. Калина живее во Прилеп и многу сака да игра фудбал. Таа тренира во локалниот клуб „Победа“. Еден ден сака да стане позната фудбалерка. Читањето книги не ѝ е по волја. Но затоа најдобра во класот е по математика. Омилено јадење ѝ е тост. Ама оној што го прави мама Весна, мммм може секој ден да јаде само тоа. А топлото чоколатце во слаткарнацита „Алфа“ е она што го посакува секогаш кога излегува со другарките. Ужива да гледа филмови со добро друштво.

 

Пример 3

Наставна единица: Писмена работа на тема:

  1. Јас бев во близина кога те навредуваа.
  2. Јас, Афиф, Мердита, Питу и Осман.

 

Одделение: XI (деветто)

Наставно подрачје: Изразување и творење

Тип на час: Писмено изразување на дадена тема

Цели на часот: Учениците да бидат проверени за нивното писмено изразување. Да се изразуваат убаво и да ги применуваат стекнатите знаења од подрачјето јазик. Да се провери нивната умешност да состават текст на дадена тема од синтаксичка, лексичка, стилистичка и композициска страна.

Учениците треба низ темата да ги искажат своите согледувања за дискриминацијата во нивното опкружување и за можниот соживот со другите етнички заедници.

Форми на работа: индивидуална

Методи и техники: Писмено изразување.

Наставни средства и материјали: Тетратка за писмена работа.

Корелација: Мировно образование

Поими: дискриминација, соживот

Тек на часот

Воведен дел: Наставничката ги задава темите. Прави кратко повторување на заклучоците произлезени од претходниот час (подготовката) во кој се зборуваше за поимите дискриминација и соживот. Им дава можност на учениците да изберат една тема или ги дели на две групи и секоја група добива една од темите.

Главен дел: Ги надгледува учениците дали самостојно ја завршуваат задачата. Создава атмосфера за непречено и инспиративно творење. Дава заклучоци и помага онаму каде што има потреба.

 

Завршен дел: Ги собира тетратките со сработените текстови.

 

Пример 4

Наставна единица: Директен и индиректен исказ – вежби

Одделение: VII (седмо)

Наставно подрачје: Изразување и творење

Тип на час: Примена на стекнатото знаење

Цели на часот: Да се разликува директниот од индиректниот исказ. Да ја совладаат техниката активно слушање, да знаат да ислушуваат, активно да слушаат, и да го разбираат својот соговорник.

Форми на работа: работа во парови

Методи и техники: дијалошки метод, техника активно слушање

Наставни средства и материјали: тетратка, пенкало

Корелација: Мировно образование

Поими: активно слушање, ненасилна комуникација

Тек на часот

Воведен дел: Наставничката ги дели учениците на парови. Најчесто пар се оние што седат во клупа, но ако има потреба може да направи парови со разместување. Учениците имаат задача да разговараат на тема: МОЈАТА ПРВА ТЕПАЧКА ИЛИ КАВГА. Но кога едниот зборува, другиот не смее ништо да кажува ниту да прашува, слуша внимателно и се обидува да запомни сè што кажал неговиот партнер.

Главен дел: едниот ученик почнуваат со раскажување за својата прва тепачка или кавга, партнерот го слуша внимателно, штом заврши, парафразира, прераскажува, повторува што слушнал и чека потврда од партнерот дали сè запомнил како што е кажано. Потоа се прави истото, но во обратен редослед.

На овој начин учениците директниот исказ го претвораат во индиректен и истовремено учат како да бидат добри слушатели, како активно да слушаат.

Откако ќе завршат, зборуваат на темата КАКО ГО ДОБИВ ИМЕТО ИЛИ ПРЕКАРОТ. Но сега, нема знак, може да почне кој сака и меѓусебе може да си поставуваат прашања поврзани со темата.

Третата тема е САКАМ ДА СЕ ТИ СЕ ПОЖАЛАМ ЗА… но сега по еден од парот доаѓа кај наставникот/чката и добива задача кога неговиот партнер ќе почне да раскажува, овој/оваа да не го слуша, да се прави дека го слуша и да се занимава со нешто друго.

Завршен дел: Наставничката поставува прашања и отвора дискусија:

  • Колку ви беше тешко да се придржувате на правилата?
  • Како ви беше да го слушате соговорникот, а да не го прекинувате?
  • Колку имате впечаток дека партнерот ве разбрал и ве слушал?
  • Како ви беше кога соговорникот не беше незаинтересиран за вашето зборување?

 

Пример 5

Наставна единица: Правење детско списание

Одделение: VI (шесто) одделение

Наставно подрачје: Медиумска култура

Тип на час: Час за примена на стекнатото знаење

Цели на часот: Учениците да се запознаат со начинот на правење списанија. Да научат нешто повеќе за печатените медиуми. Низ создавањето на списанието да се запознаат, низ истражување, со особености на друга националност.

Форми на работа: групи

Методи и техники: дијалошки метод, синтеза

Наставни средства и материјали: детски списанија, интернет, боички и фломастери, ножици, лепило, хартија во боја, хамер.

Корелација: Мировно образование

Поими: печатени медиуми, етнички заедници, соживот

Тек на часот

Воведен дел: Учениците уште од претходниот час се поделени во групи кои што претставуваат редакции за детски весник. Редакциите имаат свој уредник и новинари кои се задолжени за специфични области. Имаат фотограф на списанието, лектор и графички дизајнер. Се организираат и почнуваат со работа.

Главен дел: Во своите содржини тие треба да направат една страничка која што ќе биде посветена на застапените националности во нашата земја: Албанци, Роми, Турци, Срби… Секоја група добива различна националност. На страната можат да стават содржина по свој избор која што ќе ја претставува националноста и нејзината култура. Тие за домашна работа имаа задача да истражуваат за националноста што ја добија. Групата сама се организира преку задолжен ученик кој е во улога на уредник. Наставничката им помага ако има потреба за тоа. Го надгледува процесот и дава сугестии каде што е потребно.

Завршен дел: Учениците ги презентираат списанијата.

 

Пример 6

Наставна единица: Вежби за стилското изразно средство симбол

Одделение: XI (деветто)

Наставно подрачје: Литература

Тип на час: Час за повторување

Цели на часот: Да се совлада и да се препознава стилското изразно средство симбол. Разбивање на стереотипите и предрасудите.

Форми на работа: индивидуална, групна

Методи и техники: дијалошки метод, техника на асоцијација: азбука на мирот

Наставни средства и материјали: наставен лист, хартија, пенкало

Корелација: Мировно образование

Поими: мир, војна, симбол

Тек на часот

Воведен дел: Наставникот/чката усно поставува прашања поврзани со наставната единица симбол. Учениците одговараат и така го повторуваат и го утврдуваат стекнатото знаење.

Главен дел: Секој ученик кини лист од средина, го дели со една линија во вертикала. На едната страна запишува МИР, на другата ВОЈНА. Во средината на линијата ја запишуваат азбуката. Наставничката ја кажува азбуката и на секоја буква дава по две три секунди време учениците да го запишат првиот збор што ќе им дојде на памет. Зборот кој прв им дошол на памет го запишуваат во делот кој што им асоцира на мир или на војна.

Потоа наставничката отвора дискусија. Учениците образложуваат зошто дадениот збор го ставиле во табелата мир или во табелата војна.

Завршен дел: Наставничката врз основа на дискусијата дава заклучоци. Всушност сето она што го ставија во војна е симбол на војна, а она што е запишано во мир е симбол на мир. Врз основа на тие симболи произлегуваат стереотипите и предрасудите.

наставен лист

мир војна
   
А

Б

В

Г

 

 

 

 

 

 

Заклучок

 

Потребата за Мировно образование е повеќе од очигледна. Македонскиот јазик е предмет кој  нуди огромна можност за негова имплементација.  Таа можност треба да се искористи сè додека не се создадат услови Мировното образование да биде самостоен предмет во образовниот процес.

[1] Види пример 1.

[2] Види пример 2  и  6.

[3] Види пример 3.

[4] На средината од училницата се поставуваат изјави кои што претходно ги смислува наставникот/чката. Учениците во зависност од своето мислење се приближуваат кон полот се согласувам или не се согласувам. Потоа наставникот/чката повикува некој од нив да се изјасни зошто застанал таму.

[5] Види пример 4.

[6] Види пример 5.

[7]  Текстот е дел од учебникот за шесто одделение по наставниот предмет македонски јазик.

Велкова, С., Јованова, С. Македонски јазик. (2011). Министерство за образование и наука на Република Македонија, Скопје.

Advertisements

Интегриран Еко-ден

DSC_0301.JPG

Интегрираниот еко-ден беше МИО-активност реализирана од двете основни училишта: „Климент Охридски“ и „Лирија“, во рамките на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ – спроведен од Мировна акција Прилеп-Тетово и Центар за мировни студии од Загреб, со финансиска поддршка од Европска Унија.

Тимот од шест наставници: Моника Богданоска, Дарко Јовески, Јулијана Талеска, Јусуф Синани, Африм Кера и Гордана Пажик направија концепт за реалзиација на активноста и во истата вклучија наставници и ученици.

Оваа активност им овозможи на наставниците кои досега немаа одржано МИО час да ја спроведат активноста.

Главната причина зошто се одбра Еко-ден беше да се прикаже на колегите вклучени во настанот, на децата, но и на сите кои ќе ја проследат активноста: ДЕКА ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕША СО РЕЛИГИОЗНАТА.

Сакавме во активностите да ги гледаме сличностите, да гледаме она што ни е задничко, а не да ги шетаме дечињата по цркви и џамии, да јадеме баклава и грав…

Досега спроведените МИО активности се фокусираат на генерализирања поврзани со една етничка група, при што се заброава на оние семејства кои не се религиозни или се дел од некоја друга религиозна заедница. Исто така, учејќи за некоја карактеристика на етничката заедница, не значи дека учиш за самите личности со кои ја спроведуваш активноста. Така нам ни беше најважно дечињата и колегите да се дружат заедно. Да разговараат и да се запознаат.

Мислиме дека успеавме во тоа. Еве врска до филмчето во кое накратко, низ фотографии е претставена активноста

ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „НИЕ-ВРАПЧИЊАТА“

ввв

Кога прв пат го прочитав романот „Ние – Врапчињата“ од Јордан Радичков, бев восхитена. Еве го Балканскиот Егзипери  – си реков. И посакав еден ден да ја поставам на сцена. Тој мој животен сон, еден од многуте –  ми се оствари. Благодарение на проектот „Поддршка на процесот на интегрирано образование во училиштата“ јас имав можност да го реализирам сонот. И тој сон беше уште поубав, бидејќи не го направив сама. Со мене, рамо до рамо стоеја колегите: Аднан Мехмети, Ирмела Папиќ, Јусуф Синани, Моника Богданоска, Дарко Јовески и Панде Магдеска – Николоска.

Исто така, тука се и дечињата кои сами ги сечеа парчињата, сами ги кроеја крилјата, сечеа хартија, лепеа, правеа врапчиња, смислуваа сцени, глумеа, остануваа до доцна на училиште… Благодарност и до Башким Керими, Евгенија Башеска и еден куп дечиња кои ни помогна со костимите; благодарност и до Влатко Николоски и Сара Нинеска – кои ја оживеаја сцената.

Оваа екипа од ентузијасти координираше 23 ученици од три училишта. ООУ „Климент Охридски“, ЦОУ „Лирија“ – Житоше и ООУ „Добре Јованоски“.

Поминавме месеци макотрпна работа. Заеднички средби во кои дечињата се запознаваа, се дружеа, градеа мостови и покажуваа дека можеме заедно да живееме. Релацијата Житоше- Прилеп – Долнени изроди многу заеднички средби полни со радост и убавина.

IMG_8176

Дечињата во целиот процес покажаа дека можеме заедно да направиме нешто што ќе биде убаво само ако нЕ има сите задно!

Неизмерно сум благодарна и на поддршката на „Мировна акција“, на Боро, Горан, Емрах, на скапоценото искуство на актерот Александар Тодески, кој е најмногу заслужен што овие дечиња блескаа на сцената. Им благодарам на сите дечиња и родители што дојдоа, и што нЕ поддржаа.

Ја оживеавме заборавената сала во Долнени. Мислам дека и таа се радуваше на чврчорењето на врапчињата.

This slideshow requires JavaScript.

Се надеваме дека овој проект нема да згасне овде, дека ќе нЕ има барем уште неколку пати, бидејќи овие деца освен тоа што ја оставаат на театарските штици енергијата, тие ја иссцртуваат иднината на оваа земја, ги разобличуваат стереотипите, ги рушат предрасудите,  покажуваат како треба да се живее!

Самостојна мултикултурна активност: ПРАВИМЕ ДЕТСКО СПИСАНИЕ

Ова е часот со кој учествував (заедно со VI – 1 одделение) на конкурсот произлезен од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието имплементиран од страна на Македонски центар за граѓанско образование. Часот ќе биде дел од Фестивалот за иновативни практики за меѓуетничка интеграција во образованието: „Преку иновација до подобра интеграција”.

МИО – активности

2015-11-24 09.20.33

Денес една група од наставници и ученици заедно со СИТ-от на училиштето бевме на гости кај нашето партнер училиште „Пере Тошев“ од с. Десово. Целта на нашата посета беше реализација на заеднички активности во рамките на наставниот процес. Мојата активност беше реализација на наставната единица: Пејзажни песни. Заедно со наставничката Зулфије Јусуфи одржавме двојазичен час. Имавме 14 ученици, 7 Албанчиња, 7 Македончиња.

Активностите беа пред се` во насока на запознавање на децата и другарување, а потоа и на совладување на наставната единица. Искуството беше незаборавно. И за нас наставничките и за дечињата. Еден обичен, едноставен час може да биде пример за цело човештво, за тоа дека многу лесно можеме да бидеме заедно, да се дружиме, да спроведуваме активности, сеедно од која националност сме, сеедно која вера ја имаме. Овие дечиња го покажаа тоа. Еве производ од таа активност:

По повод „Денот на албанската азбука“ училиштето имаше пригодна програма на која настапија ученици од трите етнички заедници: македонска, албанска и бошњачка. Нашата ученичка Васе Колароска се претстави со песната „Химната на децата“ од Есад Бајрам